Студентски правобранител на УИНТ

Заради заштита на правата на студентите на Универзитетот, се формира студентски правобранител како независно тело, согласно Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија” бр. 82/2018). Студентскиот правобранител се избира од редот на редовните студенти за:
– заштита на правата на студентите утврдени со закон и со актите на Универзитетот
– решавање на прашања кои произлегуваат од академските односи

Универзитетскиот сенат, на седницата одржана на 28.10.2021 година, донесе Одлука за избор на Студентски правобранител на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” Охрид, Димитар Митревски, студент на Факултетот за компјутерски науки и инженерство, кој ќе ја извршува оваа функција во наредниот двегодишен период, 2021-2023.

Студентскиот правобранител постапуваат по поднесок од страна на студенти или по сопствена иницијатива доколку увиделе дека е повредено право ба студент од страна на органите на Универзитетот или друг член на академската заедница. Органите на високообразовната институција се должни да постапат по укажувањата на студентскиот правобранител.

Студентскиот правобранител, во рамките на своите надлежности исклучиво во рамките на академската заедница, е овластен:

  • да посредува во спорови помеѓу студентите и органите на Универзитетот, студентите и член на академската заедница на Универзитетот;
  • да дава препораки во конкретни случаи со цел разрешување на спорови;
  • да презема дејствија за кои е надлежен и по сопствено наоѓање. Ако започне постапка по сопствена иницијатива, потребна е согласност од студентот на кого му се повредени правата;
  • да ги стави на јавна дискусија прашањата поврзани со системот на заштита на студентските права и кршењето на студентските права, и заклучоците од тие прашања да ги промовира со цел подобрување на квалитетот на високото образование и заштитата на студентските права;
  • да соработува со домашни и странски владини и невладини институции;
  • да врши и други надлежности доделени од Сенатот на Универзитетот или од Универзитетското студентско собрание.

Барањето до студентскиот правобранител се поднесува како писмено барање. Барањето го поднесува студентот, односно негов полномошник по пошта/лично на адресата на седиштето на Студентскиот правобранител или на официјалната е-маил адреса. (dimitar.mitrevski@cse.uist.edu.mk & pravobranitel@uist.edu.mk)

Во итни случаи барањето може да се прими и по телефон, за што се составува службена белешка, а во рок од 5 дена подносителот е должен Барањето да го поднесе и писмено.

Тоа треба да содржи лични податоци на  подносителот,  околностите,  фактите и доказите врз кои се темели барањето, како и да биде наведен  органот,  односно лицето на кое се однесува барањето.  Доколку станува збор  за  прашање  кое е од општ интерес (пр. ако поголема група на студенти е засегната од проблемот)  Барањето може да биде и анонимно.

Сите информации и документи кои ќе ги добие студентскиот правобранител по службена должност во текот на постапката се од доверлив карактер.
Студентскиот правобранител се грижи за заштитата на идентитетот и приватноста на студентите кои поднеле барање. Подносителот не може да биде повикан на одговорност во врска со поднесеното Барање. Подносителот е ослободен од плаќање такса за Барањето
При вршењето на својата работа, студентскиот правобранител се води од принципите од непристрасност, недискриминација, доверливост, достапност, одговорност, отчетност и законитост.

Студентскиот правобранител не е овластен да ги застапува студентите пред други државни органи, односно во ниту една ситуација не може да ги штити правата на студентите надвор од академската заедница.

За својата работа студентскиот правобранител поднесува годишен извештај до Сенатот на Универзитетот.