УИНТ „СВ. АПОСТОЛ ПАВЛЕ“ – ОХРИД ДАДЕ ПОДДРШКА ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ЗА ПРАКТИЧНАТА НАСТАВА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

УИНТ „СВ. АПОСТОЛ ПАВЛЕ“ – ОХРИД ДАДЕ ПОДДРШКА ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ЗА ПРАКТИЧНАТА НАСТАВА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Високото образование треба да стане синоним на реални и употребливи знаења и вештини на дипломираните студенти кои што ќе се мерат со брзо вработување на студентите по нивното дипломирање, а тоа е возможно само преку квалитетна практична настава за студентите на реално работно место.

За таа цел, во рамките на зацртаните активности, Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања и Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуката, остварија работна средба со Ректорската управа на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид, со професорите кои комуницираат со компаниите во регионот, вработените од одделот за меѓународна соработка и одделот на студентската служба и алумни центарот при УИНТ, во насока на поддршка на реализацијата на практичната настава во високото образование и нејзино системско уредување преку воспоставување на добро осмислена и функционално поставена институционална структура, која на студентите ќе им овозможи развивање на стручните вештини, но и за развивање на меките вештини кај студентите: критичко размислување, детерминирање и решавање проблеми, креативност, претприемачки дух и тимска работа, важни за работата во компаниите и работните организации.

На средбата од страна на Ректорската управа беше поздравена иницијативата на Стопанската комора за поттикнување на практичната настава и соработката на високообразовните институции со бизнис заедницата.

Ректорската управа беше запозната со активностите кои Комората ги спроведува во рамките на двата Совети, во кои соработката помеѓу приватниот сектор и образовните институции е од особено значење за испорака на резултати кои на долг рок ќе обезбедат поголема вработливост на младите кои што поседуваат релевантни стручни вештини и компетенции.

Од страна на Универзитетот беа презентирани студиските наставни програми кои ги нуди УИНТ  “Св. Апостол Павле“ – Охрид  и добрите практики за реализација на практичната настава во компаниите со кои УИНТ има воспоставено соработка за стручно усовршување нивните студенти. Беше истакнато дека во рамките на студиските активности, студентите остваруваат соработка со компаниите „Костал Македонија“, „ОДВ Електрик“ и ЛТХ Леарница“, Охрид,  кои пред студентите ги презентираат напредните технологии за производство, можностите за нивно вработување, како и за платена пракса за студентите.

Претставниците на Комората беа информирани дека во рамките на УИНТ, се реализира настанот „Стартап викенд Охрид“ /хакатон кој има за цел да ги потикне младите професионалци, фриленсери и стартап ентузијасти на една локација да оформат тим со кој ќе развијат бизнис идеја од концепт до прототип во рамки на 54 часа односно еден викенд, но преку менторска поддршка за реализирање на стартапот.

Исто така, во рамките на УИНТ, со финансиска поддршка на ЕУ за економски раст (EU4EG) 2022-2025, во партнерство на Прим Поинт Стартуп Македонија и СЕАФ Македонија (The Prime Point, Startup Macedonia, SEAF Macedonia), во траење од 36 месеци, фунционира Бизнис арцелератор, кој има за цел да се обезбедат решенија за зелена/сина технолошка трансформација на Охридското Езеро. Во Бизнис арцелераторот се опфатени секторите: производство, ИКТ и дигитализација и одржлив туризам.

На работната средба заеднички беше констатирано дека расте интересот за практичната настава, како во сферата на приватниот, така и во сферата на јавниот сектор, со цел подобрување на стручните вештини и компетенции на студентите и обезбедување нивна поголема вработливост.

И дветe страни се согласни дека е потребно да се направи:

•    измена на законската регулатива за високо образование;

•    прецизирање практичната настава во текот на академската година;

•    прецизирање на улогата на менторите за реализација на практичната настава;

•    обука на ментори и сертифицирање на ментори.

Продолжува циклусот на активности и консултации со високообразовните институции и компаниите во насока на дефинирање на потребите и формите на реализација на практичната настава кај работодавач.

Превземено: https://www.mchamber.mk/default.aspx?mid=3&evid=131045&lng=1